Девојките од РК Алушовски трети на турнирот Скопје Куп

На крајот од 2018 година се одржа првиот турнир за ракометари и ракометарки од генерацијата 2002/2003 година, „Новогодишен Скопје Куп“. Во три дена Скопје беше домаќин на бројни ракометни натпревари, дружење и забава на идните врвни спортисти. Вкупно 11 екипи во две конкуренции одиграа секој со секого по еден натпревар.

Кај девојчињата се натпреваруваа пет екипи, покрај домаќинот ЖРК Алушовски тука беа ЖРК Куманово, ЖРК Деспина, ЖРК Металург, ЖРК Макаловски. На крајот првото место им припадна на ракометарките на Металург. Овој тим имаше максимални осум поени, додека на 2. место финишираше составот на Деспина кој имаше четири бода исто како и Алушовски и Макалоски. Сепак, во кругот од три екипи со ист број на бодови одлучуваше гол разликата од меѓусебните пресметки, а таму Деспина имаше најдобар биланс. Третото место го освоија девоките од ЖРК Алушовски.

Во однос на поединечните награди две од нив остануваат кај нашите ракометарки, а една кај тимот на Металург. Голманката на Алушовски, Марија Лазова беше пред конкурентките, додека нејзината колешка од тимот Ана Георгиевска беше најефикасната на турнирот.

Стефи Софтовска од Металург е ракометарката која покажа најмногу на турнирот во женска конкуренција и таа ја доби наградата за најдобра ракометарка на женскиот турнир од „Новогодишниот Скопје куп“.

Металург финишираше највисоко на табелата и кај пионерите. Таму Металург заврши со максимални десет поени. За првото место решавачки беше дуелот против Аеродром, кој Металург го доби со 28:20 откако во првото полувреме имаше убедливи 17:7. Овој дуел се играше вчера, а турнирот го заврши двобојот меѓу Металург и Алушовски.

На подиумот покрај Металург со десет поени и Аеродром со осум, место имаше и за третопласираниот Макалоски. Овој тим имаше ист број на бодови со Алушовски. За 3. место решаваше меѓусебниот дуел, а во него тимот на Макалоски славеше со 14:12 против Алушовски.

Најдобар ракометар на овој турнир беше Сашко Манчески од тимот на Макалоски. Предраг Мијатовиќ од Металург беше прв „чувар на мрежата“ на овој турнир, додека Мирче Георгиев од Делчево беше најефикасниот играч на ова натпреварување.

ФОТО: 24РАКОМЕТ | СЛОБОДАН ЃУРИЌ