Интервју на Стевче Алушовски за Balkan Handball

Под наслов „Легендата на МК ракометот, Стевче Алушовски: Ракометот е спорт број 1 во Македонија“, специјализираниот сајт за ракомет Balkan Handball во разговор со поранешниот македонски репрезентативец, Алушовски, открива дел од  ракометното минато во трите најголеми клубови во Македонија, како е да се  работи со млади категории и амбициите на македонскиот ракомет.

„Ako se novija istorija makedonskog rukometa može nacrtati po karijeru nekog od igrača, ime Stevčeta Alušovskog (45), svakako ulazi u najuži izbor. Legendarno levo krilo Pelistera, Jafe Prometa, Vardara, Metalurga i makedonske reprezentacije, karijeru je završilo posle četrdesete. Na svojoj poziciji bio je neprikosnoven, baš kako je to danas Dejan Manaskov, a posle karijere posvetio se radu sa mladima. Ima školu pod svojim imenom, a prošle sezone je radio u bitoljskom Pelisteru kao trener prvog tima, imao dobre rezultate, bio lider na tabeli, ali je Uprava imala drugačije planove…“-вака ја започнува статијата специјализираниот спортски портал.

Со Стевче се сретнавме на кампот Барселона во Омиш, каде беа и учениците на неговата ракометна школа…

  • Ми претставува чест што учениците од мојата школа се дел од кампот. По она што можев да го видам, овој камп е на врвно ниво. Микс на балканска и шпанска ракометна школа. Најзаслужен за нашето присуство на кампот е нашиот врвен ас Борко Ристовски, кој преку својата фондација овозможи да дојдеме и да провериме како работиме. На прав пат сме да создадеме некои нови ѕвезди на македонскиот ракомет, а тие имаа прилика тука да видат дека она што ние го работиме е добро. Кампот на Барселона е исполнување на сонот за нашите деца. Верувам дека тоа ќе им помогне да станат врвни играчи.

После крајот на кариерата се посветивте на работата со млади категории…

  • Моја прва работа беше на местото директор на репрезентација. Во тоа време, претседателот Живко Мукаетов и јас имавме проект за развој на ракометот надвор од Скопје. Се обидовме да го реализираме и некои работи започнаа да се придвижуваат.  Не се пронајдов во тој проект, бидејќи Канцеларијата на РФМ сакаше да бидам затворен осум часа во канцеларија. Тоа не беше моја цел. Немаше заедничка хемија и така престана да функционира. Потоа отворив своја школа која постои веќе пет години. Единствена цел е да привлечеме што повеќе деца да тренираат ракомет. Отворивме школи во Кичево и Велес, дојдовме до бројка од 400 ученици кои работеа во школата под назив „Стевче Алушовски“. Сега функционираме само во Скопје, имаме 140 деца во пет категории, од мини ракомет до кадетска екипа. Се трудиме школото да прерасне во клуб. Тешко е. Клуб не може да функционира само од членарини. Не е лесно да се најдат спонзори, но на прав пат сме 5-6 играчи да бидат запишани дека кариерата ја започнале во нашата школа.

СЕ ЗАПОЧНА СО ДОАЃАЊЕТО НА МУКАЕТОВ

Перспективата на македонскиот ракомет е многу подобра од пред десетина години. Младите категории профункционираа, а се сеќаваме на времето кога учеството на кадетските првенства беше „трошок“…

  • „Сè започна со промената на претседателот и со доаѓањето на Живко Мукаетов. Почнавме да пријавуваме кадетска репрезентација, која последен пат играше на големо првенство во 1995 година. Успесите на А-репрезентацијата придонесоа за масовност на нашиот спорт и го направија најпопуларен во државата. Тоа го користиме добро. Федерацијата прави напори да постави вистински луѓе на позициите селектори и тренери на млади категории. Децата одат на квалитетни турнири. Имаме добра иднина. По бројот на деца сме спорт број 1 кога ќе се земе во предвид масовноста.Школите на Металург и Вардар се полни. Сите играчи кои се носители на играта на Металург, Талевски, Арсеновски, да не ги набројувам, сите се излезени од таа школа. Жалам што помалку или повеќе талентите мора да одат во Скопје, но се надевам дека федерацијата е свесна за тоа. Имаме перспектива, а Пелистер и Еурофарм Работник напреднаа.“

Настапуваше за Пелистер, Вардар, Металург, можеме слободно да кажаеме дека си легенда на сите три клуба во кои ја помина целата кариера. Тимот од Битола никако да застане рамо до рамо со тимовите од Скопје, пред сè Металург, иако со години најавуваа високи амбиции…

  • Никогаш не играв во странство, но позитивна работа е што работев со сите најдобри тренери од екс ЈУ просторите во сите тие клубови, од покојниот Гужва Јевремовиќ, Лино Червар, Веселин Вујовиќ, постариот Периќ, Љуба Обрадовиќ… Имав прилика да видам сè што е најдобро од овие простори. Концептите на трите клубови се различни. Металург се ослонува на домашните ракометари, Вардар е еден од најдобрите светски проекти гледајќи од аспект на играчите и инфраструктурата. Пелистер во тоа време беше база на најдобрите македонски играчи. Беше врвен клуб. Се обидовме да го вратиме она што некогаш беше. Бевме на добар пат. Се надевам дека повторно ќе биде како што треба, без оглед на тоа што веќе не сум таму. Дојдоа некои луѓе кои ја измешаа политиката и спортот. Додека политиката не се тргне барем 20% од клубот, тешко дека ќе се врати старата слава. Веќе шест месеци не сум таму, но слушам дека атмосферата не е баш најдобра. Јас сум од Битола, дете на Пелистер, му посакувам на клубот сè најдобро, но тоа е процес кој мора да трае. Пелистер веќе нема ракометна школа и база на свои играчи. За да се врати на врвот ќе бидат потребни многу повеќе пари.

СИМНЕТЕ КАПА ПРЕД КИРЕ

За Македонија се чинеше дека е крај на светот тоа што не обезбедија пласман во Рио. Постарите ракометари најавуваа крај на настапите за националниот тим, но преовлада мислењето дека мора да му се помогне на ракометот и да се игра и над лимитот. Сега ни Токио не е премногу далеку…

  • Тоа што не заминавме на Олимписките игри во Рио беше голем потрес. Знам како беше, затоа што бев дел од репрезентацијата. Самиот факт дека осум години сме на големи натпреварувања, тоа е голем успех. Мала земја сме, со два врвни клуба. Имаме масовност и се надевам дека Кузмановски и Талески ќе го изнесат товарот, покрај Кирил Лазаров, кој со години е носител на нашата репрезентација. Верувам дека еден ден нашиот национален тим ќе дојде до ниво да игра за медал, како што беше во Србија во 2012 година. Голем резултат е да бидете меѓу првите 10-12 репрезентации на секое натпреварување. Единствена позитивна приказна е што Кирил Лазаров гледа дека треба да остане и игра за оваа репрезентација. Треба да му се симне капа. Се става себеси во интерес на македонскиот ракомет. Се надевам дека младите се свесни за тоа. Односот кон дресот секогаш беше вистински, никогаш не недостигаше мотив. Секогаш сме ја имале таа патриотска нота. Да играте за репрезентација и клуб се два различна света. Еве сега се ежам кога зборувам за репрезентацијата. Тоа е светост.- го заклучи Стевче Алушовски разговорот со Balkan Handball.

Целосното интервју во оригинална форма можете да го прочитате на следниот линк.