Ракометниот клуб Алушовски на летниот камп на Барселона

Ракометниот камп на Барселона ова лето ќе се одржи во Омиш, Хрватска. Од 28 јуни до 3 јули, стотитна млади ракометни таленти ќе можат да ги збогатат своите вештини и да научат повеќе од искусните ракометни виртуози. Ова е прв пат летниот ракометен камп на шпанскиот гигант да се одржи надвор од Шпанија, а еден од организаторите е и некогашниот голман на каталонскиот клуб и македонски репрезентативец Борко Ристовски. Токму Ристовски е „виновникот“ за учеството на десетина млади ракометни таленти од Македонија, а благодарение на Ристовски во Хрватска заминаа и дел од младите членови на ракометниот клуб Алушовски.

Шестмина млади таленти од ракометниот клуб Алушовски утринава пристигнаа во хрватскиот град Омиш, каде ги очекуваат останатите учесници од цела Европа. Првиот ден е предвиден за запознавање и малку ракометна теорија, а од утре започнуваат вистинските предизвици, како испит за ракометните знаења и вештини на младитре таленти.

Стручниот тим на кампот ќе го предводат четворица тренери од Барселона кои работат во младинските и во кадетските категории во клубот, а како специјални гости се најавени Славко Голужа, Ивица Обрван, легендата на хрватскиот ракомет Патрик Чавар, Седрик Сорендо и Виран Морос. На кампот ќе присуствува претставник на една од најголемите менаџерски агенции во Европа кој ќе ги скенира младите ракометари, а дел од стручниот штаб ќе бидат и тим психолози и нутриционисти.