Довидување до Маврово 2018!

Се спушти завесата на третото издание на летниот ракометен камп „Маврово 2017“. Во седум дена исполнети со забава, другарување и многу ракомет, идните ракометари ги усовршуваа своите вештини и научија повеќе за тоа што значи спортот, тимскиот дух и здравиот начин на живот.

На самиот почеток на летниот камп двајца Црногорци ја отворија неделата на ракометот во Маврово. Одличниот интернационалец Младен Ракчевиќ кој подолг период настапуваше во Македонија повторно се врати за да го пренесе своето искуство на младите. Црногорскиот селектор Драган Ѓукиќ беше дел од тренерскиот тим и како специјален гостин ги воведе идните ракометни надежи кон тајните на овој спорт. Мали финеси од големиот мајстор ќе значат многу за понатамошниот ракометен развој на камперите.

На средина на летниот камп, својата ракометна визија ја пренесе и македонскиот тренер Андон Бошковски. Популарната финта доби друга димензија на тренинзите на Марјан Колев кој со помош на Наумче Мојсовски и тренерскиот тим на Академија Алушовски го затвори последниот тренинг на кампот.

Низ спортување, игра и забава, ракометот допре поблиску до идните атлети. Се дружеа и учеа од Филип Миркуловски, Дејан Манасков, Гоце Георгиевски, Стојанче Стоилов, Никола Митревски, Петре Ангелов и Наумче Мојсовски, а своето знаење го покажаа на финалните натпревари.

Стручниот тим на летниот камп Маврово 2017, Лефтер Бошковски, Благојче Весиќ и Војне Савески, а предводен од Стевче Алушовски беше задолжен да ги одведе младите надежи едно ниво повисоко кон ракометниот врв.

Изминаа седум прекрасни дена на падините на Маврово. Искуството од минатите две години, ја направија новата ракометна авантура незаборавнa. Благодарност до Интерспорт, Маја вода, Виталија, Неуромедика, Сарана Турс, Општина Карпош, Општина Маврово Ростуше, Адора Инженеринг и Кабтел кои го препознаа потенцијалот и значењето на овој камп.
Со многу насмевки, фотографии за спомен и по некоја солза кажавме довидување до наредниот јуни и нова авантура на ракометниот камп Маврово 2018…

Спортски поздрав,
Тимот на летен камп „Маврово 2017“