Андон Бошковски дел од тренерскиот тим на летниот камп „Маврово 2017“

По трет пат оваа година ќе се одржи летниот ракометен камп во организација на „Академија Алушовски“. Од 19 до 25 јуни на падините на Маврово во шест незаборавни денови младите ракометни надежи ќе имаат можност да ги усовршат своите ракометни познавања и вештини.

Како и во изминатите две сезони, квалитетот и искуството на тренерите кои ќе бидат дел од овој камп ќе даде посебен белег за иднината на младите „кампери“. Меѓу сите големи имиња кои ќе се обидат со своите совети да ја надградат ракометната иднина на посетителите на Маврово 2017, ќе биде еден од најдобрите македонски тренери, Андон Бошковски. Искусниот стратег на Еурофарм Работник повторно е дел од тренерскиот тим на летниот камп и своето знаење ќе се обиде да го пренесе на младите и надежни ракометни ентузијасти.

Андон Бошковски својата ракометна кариера ја започнал во Работнички од Скопје, а во истиот клуб ја започнува и тренерската кариера. Беше дел од двата најдобри македонски ракометни клубови, Металург и Вардар, а со репрезентацијата на Македонија како дел од стручниот штаб сведочеше за највисокиот пласман на машката сениорска селекција на Европското првенство во Србија (5 место). Бошковски оваа година го превзема кормилото на новиот македонски суперлигаш Работник и успешно настапува во македонскиот плеј-оф каде е на делба на третата позиција.