Маврово по втор пат домаќин на летниот ракометен камп на „Академија Алушовски“

Од сабота (18.06.2016) започнa второто издание на ракометниот камп „Маврово 2016“ на кој ќе учествуваат 50 деца од „Академија Алушовски“.
По успешното издание на првиот ракометен камп и оваа година домаќин на младите ракометни таленти ќе биде хотелот „Спорт“ во Маврово. Идните професионални ракометари секојдневно ќе тренираат во спортската сала „Маврово“ под будното око на Стефче Алушовски, Благојче Весиќ, Лефтер Бошковски и Војне Савески.
Спортскиот центар нуди идеални услови за тренинг, а надморската висина од 1200 метри и свежината на природа која го опкружува Маврово, го дефинираат како вистинското место за одмор, дружење и релаксирање.
Учесниците на кампот ќе бидат поделени во три групи, секоја група ќе тренира по два пати на ден, а како и на минатогодишното издание секојдневно кампот ќе го посетуваат поранешни и сегашни македонски репрезентативци. Веќе утре во Маврово ќе пристигне Филип Миркуловски, а според подготвителниот план учесниците на кампот ќе ги изненадат Ванчо Димовски, Наумче Мојсовски, Гоце Георгиевски, Никола Митревски, Дејан Манасков…

„Поискусни сме за една година, започнуваме со второто издание на ракометниот камп. Веќе знаеме со какви предизвици би можеле да се соочиме затоа дополнително се подготвувавме. Во техничката екипа покрај мене ќе учествуваат Лефтер Бошковски, Благоја Весиќ и Војне Савески, како и доктор Влатко Димов. Маврово нуди одлични услови за летен ракометен камп. Речиси 50 учесници на „Академијата Алушовски“, очекуваме одлична дружба, совладување на ракометни вештини и убави спомени.“-истакна Алушовски.

Во наредните седум дена двајца интернационални тренери, треба да надополнат стручниот и техничкиот сегмент од „Маврово 2016“.