Стевче Алушовски организира ракометен камп во Маврово

По завршувањето на натпреварувачката сезона, почнува сезоната на летните ракометни кампови за помладите категории. Прв на календарот е кампот во Маврово, од 15 до 20 јуни, што го организира поранешниот македонски репрезентативец, Стевче Алушовски.

На кампот „Маврово 2015“ ќе учествуваат 55 деца на возарст од 7 до 14 години, што тренираат ракомет во „Академија Алушовски“.

„Оваа година учесници во кампот ќе бидат само деца што тренираат во нашата Академија, во пет основни училишта во Општина Карпош во Скопје. Од следната година планираме кампот да биде отворен и за други учесници и гости од странство и да завршува со меѓународен турнир за помлади категории и тоа да прерасне во еден традиционален ракометен настан“ – истакнува Стевче Алушовски.

Учесниците на кампот, покрај тоа што ќе тренираат под подство на стручниот тим од тренери, ќе имаат и единствена можност да се дружат и да учат ракомет и од репрезентативците на Македонија. Веднаш по завршувањето на квалификациските настапи со македонската репрезентација, со младите ракометари од Академија Алушовски во Маврово ќе тренираат и ќе се дружат Петар Ангелов, Никола Митревски, Дејан Манасков, Гоце Георгиевски, Стојанче Стоилов, Филип Миркуловски, Наумче Мојсовски…

„За децата што тренираат ракомет, македонските репрезентативци значат многу. Верувам дека ова ќе биде едно убаво искуство за сите нас и едно големо доживување за децата во кампот“ –  вели Алушовски.

Со младите ракометари и ракометраки во кампот ќе работи стручниот тим на тренери од Академијата. Покрај Стевче Алушовски кој по завршувањето на долгата играчка кариера стана ЕХФ Мастер тренер, во тренерскиот тим се и Ванчо Димовски, Андон Бошковски, Благојче Весиќ и Димитар Бадев. Како специјален гостин во кампот доаѓа еден посебно омилен лик во македонскиот ракомет – некогаш најдобриот ракометар во светот и поранешниот тренер на Вардар, сега нов селектор на Словенија и прв човек на клупата на Загреб, Веселин Вујовиќ.

Дел од својата ракометна умешност и искуство на младите играчи во кампот, ќе им пренесе и најдобрата ракометарка во светот во 2013 година, Андреа Лекиќ. Академијата на Андреа Лекиќ исто така организира летен камп во Охрид и ова ќе биде почеток на взаемна соработка меѓу двете познати имиња во ракометот и нивните ракометни академии.

„Имаме одбран тим од кој може многу да се научи. Целта е да се усоврши играта, но и да се социјализираат децата, да се запознаваат меѓусебе и да се дружат во една малку поинаква средина. Маврово нуди идеални услови за сето ова и токму затоа го избравме да биде нашата „планинска база“ за летниот камп“ – вели Стевче Алушовски во најавата на првиот летен ракометен камп „Маврово 2015“.