Вардар беше одличен, Висла недопустливо слаба

Легендата на македонскиот ракомет, Стевче Алушовски, во улога на стручен аналитичар за ЕКИПА. Долгогодишниот репрезентативец, кој неодамна ја доби и врвната лиценца за тренерска кариера, ги открива главните причини за успехот на Вардар, како Раул Гонзалез го надмудри „учителот“ Маноло Каденас…

403298_217653824989087_751581643_n

Честитки за Вардар за победата и пласманот во четвртфиналето на Лигата на шампионите, потполно заслужено. Неколку моменти би ги издвоил како клучни во овој втор меч.

Покрај извонредните одбрани на Штербик, фантастичното издание на Горбок во првото и на Душебаев и на Карачиќ во второто полувреме главниот впечаток беше дека Висла во овој меч во Скопје влезе тотално неподготвена за атмосферата, ни тактички ни психички. Она што им донесе резултат на првиот меч, овде воопшто не функционираше! Вардар одигра добро во одбраната 6-0 со промена на Брумен на местото на Шишкарев. Висла исто така направи промена на местото со Вишњевски на местото на Никчевиќ што не се покажа како премногу успешна.

Eден од главните моменти на мечот беше раното исклучување на Спржак придонесе нивната одбранбена концепција. Јуркиевич и Ракочеа тешко одговараа на задачата, а исто така ни Вишниевски не беше најдоброто решение во одбранбената задача да го чува Душебаев. Во првиот првото полувреме главен белег на Вардар беа извонредната игра во нападот на Горбок и одбраните на Штербик. Но, генерално, и Вардар влезе премногу нервозно во натпреварот поради притисокот и негативата што ја имаше од првиот меч. Во периодот од 4 до 10 минута вардарци константно имаа играч повеќе , но не успеаја да се одлепат. Беа премногу конфузни во контрите и полуконтрите и да не беше ефикасната партија на Горбок, сигурно и разликата на полувремето ќе беше помала од оние четири гола (14:10). Да не беа толку брзоплети ќе го решеа мечот уште во првите 30 минути. Во финишот на првиот дел важен момент беше влегувањето во игра на Филип Лазаров и промената на позициите со Карачиќ, што Лазаров извонредно ја искористи и го постигна тој 14 гол од таква позиција.

Во второто полувреме ќе издвојам еден важен момент- исклучувањето на тренерот Каденас во 39. минута кога резултатот беше 17:11 за Вардар. Од тој момент Висла тргна надолу. Се обидоа нешто со промена на одбранбата на 5-1 со Дашек или со Вишниевски напред, но не успеаја многу да сменат во резулатот. Штербик беше во извонредно издание на голот, а и сите играчи на Вардар влегоа во ритам и на крај тоа резултираше со убедлива победа која според тоа што го прикажа Висла на овој меч, можеше да биде и повисока. Реално, Висла со 12 технички грешки во вториот осминафинален натпревар, недопустливо е да игра четвртфинале во ЛШ! Премнoгу неподготвени влегоа во овој дуел и тоа им се врати како бумеранг. Вардар заслужува честитки за играта и за повторниот пласман меѓу осумте најдобри екипи во Европа. Се надевам ќе имаат среќа во ждребот иако во четвртфиналето ги очекува некој од четирите фаворити – Барселона, Кил, Веспрем или Киелце. Вардар има тим, има публика и секого може да надигра посебно во Скопје. Се е отворено и се надевам дека конечно по толку години Македонија може да има свој претставник и на Ф4 во Лигата на шампионите.