Стевче Алушовски стручен коментатор на натпреварот Вардар и Киелце

 

stevcal-640x360

Легендата на македонскиот ракомет, Стевче Алушовски, повторно во улога на стручен коментатор на ЕКИПА, овојпат за мечот меѓу Вардар и Киелце.

Натпревар со малку голови, тврди одбрани, поголемата ротација во одбраната на Киелце што на крајот вроди со плод. Одбраните играа главна улога на двете страни. И двајцата тренери посебен акцент ставија на овој дел од играта, посебно Талант Душебаев кој со добро смислените ротации во одбраната успеа да ја разбие играта на Вардар. Почна со две измени, Чрапковски на местото на Агинагалде и Бјелецки со Јурецки, а добро решение беше и одлуката Јаклевски да го чува Алекс Душебаев. Марин Шего исто така беше своевидно изненадување како стартер на голот на местото на Славомир Шмал, од тоа што вообичаено во играта на полскиот тим. Прво полувреме, Киелце извонредно ја користеше секоја одземена топка за брза транзиција.

И двете екипи почнаа и во поголем дел од натпреварот играа одбрана 6-0 Во нападот на Киелце, Талант Душебаев успешно ја користеше супериорноста на Агинагалде на страната на Дибиров и Карачиќ. Се обиде Раул Гонзалес да ја реши таа ситуација со 5-1 и на моменти со 4-2, но Агинагалде на линијата и создаваше многу проблеми на одбраната на Вардар. До 15 минута, Вардар играше добро, но со измените што ги направи Талант Душебаев, со Зорман на местото на Ткачук, Јахлецки наместо Штрлек и Бунтиќ како замена за Бјелецки, со цел да ја засили одбраната, вродија со плод и успеаја да се изборат за 11:11 на крјот од првиот дел.

Вардар во првиот дел играше одбрана 6-0 со две измени. Една од негативните страни во играта на Вардар беше слабото решение со играч повеќе, а еден од клучните елементи беше и промашениот пенал на Дибиров на 10:10, четири минути пред крај на првото полувреме. Второ полувреме,Талант Душебаев го почна речиси идентично како и првото со тоа што на местото на Ткачик беше Зорман, а Рајхман на местото на Чупиќ. Во Вардар, Прибак во тие десетина минути што беше во игра, добро ја вршеше својата задача и заедно со Тоскиќ беа нерешлива енигма за противникот. Не знам од кои причини, во продолжението Раул Гонзалес реши да го врати Карачиќ кој што играше премногу индивидуално, што е малку нерезонско решение за да се нападне зоната на Киелце со неколку двометраши.

На Киелце му беа доволни само неколку минути да се одлепи и да го реши натпреварот во своја полза. Клучната улога ја одигра Мануел Штрлек кој во последните 12 минути од натпреварот постигна пет гола. Ова беше еден од најслабите натпревари на Вардар сезонава. Но, факт е и дека Вардар против себе имаше еден од најсилните противници. Според мене, резултатот е реален одраз на односот на силите на терен. Вардар треба многу да поработи на својата игра за да се исправат сите грешки и пропусти. После овој пораз, шансите на Вардар за пласман на фајналфор на реваншот во Полска, се сведуваат на теорија, но тие постојат до одигрувањето на последната минута.